КАТЕДРА ЗА ХИДРАУЛИКА, ХИДРОЛОГИЈА И УРЕДУВАЊЕ НА ВОДОТЕЦИТЕ
Добродојдовте на интернет сајтот на > Хидролабораторија

Хидролабораторија

ХИДРОЛАБОРАТОРИЈА

Краток историјат на развојот на лабораторијата

За потребите на наставата во рамките на Катедрата за Хидраулика, Хидрологија и Уредување на водотеците во 1968 година е формирана Хидрауличката лабораторија. Оваа лабораторија е опремена со инсталација за нагледна симулација на различни феномени на течење и мерење.

Во периодот 1975-1977 година лабораторијата е опремена со електронски мерни уреди за мерење на динамички процеси и процеси променливи по време. Со тоа лабораторијата ја проширува својата дејност не само за потребите на наставата, туку и за потребите на науката и стопанството.

Основните цели на хидрауличката лабораторија се:

·   помош  во   совладувањето   на   основниот наставно-образовен процес  преку демонстрирање на различни феномени на течење и методи на мерење

·   калибрирање и верификација на математички модели во рамките на научните проекти, магистерски и докторски тези

·   мерање и набљудување во природа на брзини, протеци, притисоци, ерозија

         

Опис и опрема на лабораторијата

Хидрауличката лабораторија при Градежниот факултет се состои од нагледна лабораторија-училница, истражувачка лабораторија.

Нагледната лабораторија-училницата е сместена во приземјето на Градежниот факултет и е опремена со иструменти и инсталација за симулација на различни феномени на течење и мерење за полесно совладување на материјата од групата предмети: Механика на Флуиди, Хидраулика, Хидрологија и Уредување на водотеците и Пловни патишта.

Истражувачката лабораторија е сместена во подрумските простории на Градежниот факултет и  опремена е со доводен и одводен затворен систем на вода, подземен резервоар со волумен од 50 m3 и пумпна станица со пумпни агрегати со капацитет 1x 50 l/s, 2x 20 l/s и 2x 7 l/s.

Хидрауличката лабораторијата е опремена со следите мерни инструменти: Макро и микро-лабораториски хидрометриски крила, осцилограф, лабораториски лимниграф, обични мерни игли за ниво, пито цевки, ултразвучен мерач на протек, x-y пишувач(плотер).

Микро хидрометриско крило

  

Осцилограф     

 

Референци на лабораторијата

Хидруличката лабораторијата со кадровската екипираност и искуствата изградени во повеќе од 40 год. делување на полето на експерименталното и моделското испитување во областа на хидротехниката е единствена лабораторија од ваков вид во Република Македонија, па и пошироко. 

Главната кадровска база на лабораторијата се вработените од Катедра за Хидраулика, Хидрологија и Уредување на водотеците.

За научно-истражувачки цели (научни проекти, магистерски теми и докторски дисертации) во лабораторијата се извршени бројни испитувања на физички модели. 

Истражувачките проекти спроведени на физичко–хидрауличките модели на објекти и речни долини изградени во хидрауличката лабораторија или на отворено, со примена на моделски техники за изведба, калибрирање, мерење, анализа и оцена на употребливоста и преносливоста на добиените резултати ги опфаќаат следните специфични феномени на течења:

·   Пропагација на поплавниот бран во долината низводно.

·   Ерозија на речни корита и транспорт на нанос,

·   Испитување на работата на шахтни преливници, тунели, брзотеци, влазни градби, темелни испусти и слапишта,

·   Испитување на заедничка работа на сложени хидроенергетски и водостопански системи во експлоатација или во фаза на проектирање.

Во последните 30 години во оваа лабораторија се испитувани, на физички модели, речиси сите позначајни хидротехнички објекти во земјата. Така, со оваа дејност Катедрата помогнала во оптимално проектирање на голем број хидротехнички објекти и во подобрување на работата на веќе изградените системи.

Хидраулички-моделски истражувања се спроведени за придружните објекти на браните: Стрежево, Шпиље, Козјак, Луково поле, Бошков мост, Палиград, Кнежево, Св. Петка.

 

Модел за испитување на пропусната моќ на шахтниот прелив на браната Козјак

 

Освен во хидрауличките моделски испитувања хидрауличката лабораторија ја проширува својата дејност и со хидрометријата преку мерења во природа на зафатни објекти и природни водотеци. Со овие мерења се формира база на податоци за управување со расположливите водни ресурси како и за хидролошки и еколошки моделирања со цел квантитативна и квалитативна заштита на животната средина.
 

Испитување на темелниот испуст на браната Козјак